На денот на крводарувањето, Црвениот крст, на едно место ги собра најхуманите велешани
Седумдесет годишниот Анѓел Кирков, сто пати дарувал крв. Почнал од своите гимназијалски години, кога бил млад спортист бидејќи верувал дека спортистите најмногу се повредуваат. Во дарувањето на крв се водел и од хумани побуди. Сега кога ја исполнил својата желба, вели ќе престане да дарува крв, затоа што годините повеќе не му го дозволувале тоа.
– Се сеќавам, беше некаде 1962 година, бев во Гимназија, кога прв пат дадов крв. Прво беше поплавата, па земјотресот и така продолжив континуирано да давам крв. Годишно дарував од три до четири пати крв, рече Кирков.
Крводарител со над осумдесет крводарувања е и велешанецот Бранко Ацков. Но не престанува тука, сака барем да заокружи на сто, па и повеќе ако го служи здравјето.
– Знаете како, кога си млад се сакаш да пробаш. Пробав еднаш и почувствував некое празнење, потоа си реков да пробам уште неколку пати да видам какво ќе биде чувството. И така се до денес, горд сум што мојата крв спасила барем неколку човечки животи, рече Ацков.
Доктор Славе Јорданов, кој работи со крводарителите во одделението за трансфузиологија, вели дека доброволното крводарување носи придобивки и за оние што даруваат и на оние на кои им е потребна крвта.
– Придобивките се повеќекратни. Со секое доброволно дарување на крв се спасува човечки живот, директно им се дава на пациентите, нема фабрика која што произведува крв. Оној што дарува пак му се обновува и регенерира крвта, додека оние пак кои ќе дадат десет пати доброволно крв, добиваат бесплатно лекување“, рече др Јорданов.
Денеска општинската организација на Црвен крст на овие хумани луѓе им додели благодарници, по повод денот на доброволното крводарување 17 март.
Инаку Велес секогаш е меѓу првите четири града по бројот на крводарители. Минатата година биле собрани 4070 крвни единици, што е двојно повеќе од планираното./Д.С