Во автомобил останале мајка и дете, вчера вечер, на обилниот дожд се додека не ги спасиле пожарникарите
Објавено: 5 август, 2025, во 15:07 часот
Пожарникарите од ТППЕ Велес вчера вечер, околу 19 часот, додека врнеше пороен дожд интервенирале и при спасување на мајка и дете заглавени во поплавен автомобил кај поранешниот силос на „Жито Вардар“.
Како што соопштија од Територијалната противпожарна единица Велес возилото останало заглавено на поплавена улица, а мајката и детето не можеле самите да излезат. Благодарение на брзата интервенција на пожарникарите од ноќната смена, двајцата биле успешно и безбедно извлечени.
По оваа спасувачка акција, пожарникарите веднаш продолжиле со неколку интервенции на извлекување вода од поплавени дуќани и подруми долж главната улица „Благој Ѓорев“, локација која секој пообилен дожд ја претвора во критична зона поради нерешената атмосферска канализација.
Според пожарникарите причина за честите поплави во овој дел на Велес е големата количина на поројна вода којашто од повисоките се слева кон главните градски улици. Велес нема атмосверска канализација и затоа се случуваат поплави при секој обилен дожд кои што предизвикуваат материјална штета.
Убавка Јаневска


