Заев од Велес: „Колкумина биле велешките Гемиџии, колку песни има во Стихозбирката „Бели Мугри“ на Кочо Рацин? – Дванаест. Толку часа имате на располагање да не изберете.“
Велешани најдобро знаат дека во изминатите четири години државата се развиваше, се решаваа клучни прашања и истовремено се развиваа регионите и општините а близу 16 милиони евра се инвестираа во и околу Велес преку рехабилитација на делниците Велес-Градско и на Велес-Катланово, изградба на нов мост на река „Бабуна“, се поставуваа нови или се рехабилитираа водоводни и канализациони системи, се асфалтираа и реконструираа улици во градот и во населените места, се реализираше туристичкиот проект околу велешко езеро, како и игралишта, училишта, детски градинки, што значи дека голем е бројот на проекти што се реализираа со помош на централната и директно со пари на локалната власт. Вака го започна своето обраќање кон граѓаните на Велес, претседателот на СДСМ, Зоран Заев на вечерашниот митинг во Велес.
-Велес, никако поинаку! Мора да продолжи на овој пат на реализација на капитални објекти важни за локалниот развој. Тоа е можно само со СДСМ, со градоначалникот Ненад Коциќ и со советничката листа предводена од Марјанчо Николов. За Коциќ вие знаете од мене многу повеќе затоа што тој е еден од вас, еднаков на вас. Човек со децении лекар што ви помага на сите вас и еден од најголемите активисти што секогаш се вклучуваше да му помогне на својот град. Непроценлив е влогот на д-р Ненад Коциќ во борбата против велешката Топилница и во низа други еколошки и општествено-социјални активности во градот. Ништо помалку значаен не е ниту неговиот придонес како пратеник во Собранието каде секојдневно се бори против деструкциите и лагите на ВМРО ДПМНЕ. За се што стори, Коциќ од вас ќе ја добие наградата а со тоа ќе се наградите и себе си одбирајќи го најдоброто“, додаде Заев.
Велејќи дека не смееле граѓаните да дозволат да поминат проектите на Христијан Мицковски и неговите подобни соработници, меѓу кои бил и Груевски, кои се расфрлеле со проекти со петоцифрени бројки за некаква нова иднина, лидерот на СДСМ , порача дека тоа не смеело да се дозволи бидејќи тоа не биле проекти туку пари, замислени милиони во нивните џебови, за провизии, тајни набавки и криминал. Притоа Заев констатираше дека измислиле цела една филозофија на градење на споменици затоа што за нив немало јавни набавки туку се одлучувало по уметничка вредност со цел да ги наполнеле џебовите и да фателе „џенем“ како Груевски. Од митингот во Велес тој ,во исто време, ги потенцираше заслугите на власта за влегувањето на државата во НАТО, новите договори за 500 мегавати ветерници, 5.600 мегавати фотонапонски центарли во државата, разговорите со 30 големи странски компании за влез во државата, како сигурна и безбедна земја, којашто гради пријателство со целиот свет низ дијалог, договор и дипломатија. Ваквите резултати постигнати во изминатите четири години му дадоа за право на Зоран Заев да побара од граѓаните, на 17 Октомври да гласаат за Ненад Коциќ, за советничката листа на СДСМ и за бројот 12.
-Колкумина биле велешките Гемиџии? Дванаесет. Колку песни има во Стихозбирката „Бели Мугри“ на велешанецот Кочо Рацин?Дванаесет. Е токму дванаесет часови ќе имате на располагање, на 17 октомври, на денот на изборите, да го заокружите бројот 12 и да го добиете најдоброто, порача Заев.
Кандидатот за градоначалник д-р Ненад Коциќ ја побара поддршката од велешани за СДСМ и кандидатската листа на престојните локални избори нудејќи ја сопствената програма, соработка на сите граѓани,без разлика дали се политички оределени или се неопределени.
-Мој Градоначалник, достапен, отворен, комуникативен, одговорен, редовно во контакт со граѓаните е првиот мој проект. Гарантирам одговорна и отчетна јавна администрација со одговор на потребите на граѓаните во рок од 24 часа. Исто така онлајн комуникација со градоначалникот и службите како и одделение за поддршка на бизнис секторот, борба против секаков вид на корупција, за секое семејство обезбедување на едно паркинг место, како и приоритетот за развој на велешките села“, додаде Коциќ.
Тој им препорача на сограѓаните да ја прочитаат неговата програма со останатите проекти, издвојувајќи ги реконструкциите на спортски објекти, изградба на затворен училишен базен, поддршката на спортски клубови и на навивачката група Гемиџии, реформирање на ЈКП „Дервен“, нови сообраќајни решенија за пристап за црквите „Св. Пантелејмон“ и „Св. Спас“, транспортен модел за брз и ефикасен сообраќај, изградба на подземна гаража како и оживување на велешката „Питијада“ како и организирање на велешка „Скаријада“
Велејќи дека советничката листа на СДСМ ја запазила родовата еднаквост со застапени 50 % на жени како и концептот „Едно општество за сите“ со кандидати на бошњачата, албанската и турската етничка заедница, носителот на листата Марјанчо Николов пред велешани рече:
-Ние како советници сакаме да им служиме на граѓаните а не да владееме, да решаваме проблеми а не да бараме оправдување, да ги слушаме граѓаните а не да се криеме во кабинетите. Ние едноставно сакаме да бидеме со вас, со граѓаните. Затоа, почитувани граѓани да немате дилеми, излезете слободно на 17 октомври, заокружете го бројот 12 за 12 советници на СДСМ, додаде Николов.
Предизборниот митинг на СДСМ вечерва се одржа на градскиот паркинг во Велес пред зградата на основниот суд.
Убавка Јаневска