Машиновозачот и помошникот, по вчерашната железничарска несреќа, пуштени дома додека МЖ инфраструктура работи на оспособување на пругата за сообраќај
По дванаесет часа од приемот на хирушкото одделение во велешка болница, повредениот машинововозач на товарен воз дваесет и три годишниот Стефан М и неговиот врсник и помошник Роберто Б, утрово се пуштени на домашно лекување. Здравствената состојба на двајцата повредени железничари во вчерашната несреќа на пругата Скопје – Велес, предизвикана од одрон, е подобрена рече портпаролката на ЈЗУ „Општа болница“ Велес Марина Андова.
– Двајцата пациенти се донесени во болницата во 19 часот кога е пристапено кон укажување на лекарска помош, снимање на Томограв и ренген, лабораториски испитувања и во текот на ноќта се опсервирани. Утринава, по визитата, началникот на Хирушкото одделение д-р Влатко Вишинов констатирал дека им е подобрена здравствената состојба по што се упатени на домашно лекување, рече Андова.
Од вчера попладне во целосен прекин е меѓународниот железнички сообраќај додека патничкиот синоќа се одвиваше од Гевгелија и од Битола до Велес . Патниците кон Скопје и во обратна насока до Велес, беа превезувани со автобуси.
Утрово ЈП Македонски железници не организира превоз за патниците иако според возниот ред сообраќаат патничките возови од Гевгелија и од Битола до Велес и назад.
Работници на Инфраструктура на јавното железничко претпријатие, утрово, со механизација го започнале процесот на подигнување на забиената локомотива во одронот, во близина на станицата Рајко Жинзифов, кај Велес. Се додека не се подигне таа и не се види какво е оштетувањето на пругата, не може да се предвиди кога повторно ќе биде нормализиран железничкиот сообраќај. Исто така се работи и на отстранување на одронот.
Железничката несреќа се случи вчера попладне, нешто по 17 часот, кога товарен воз кој сообраќал на релација Табановце – Гевгелија удри во одрон на железничката линија./У.Ј