Велешанец ја тепал и ја дрогирал жена му, па ја принудувал да има секс за пари
Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против 45-годишен жител на Велес за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Посредување во вршење проституција според член 191 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Тој во временски период од шест години, поточно од 2016 година до октомври, минатата година, во повеќе наврати вршел семејно насилство врз сопругата.
-Со примена на сила, тепајќи ја и давајќи и наркотични дроги, ја наведувал на проституција. Тој се договарал со различни лица и ја носел жената во Кавадарци, каде што ја принудувал да има сексуални односи со неколку лица во ист ден, за што наплаќал парични средства, соопштија од ОЈО Кавадарци.
Имајќи предвид дека во конкретниот случај постојат околности кои упатуваат на можност осомничениот да се даде во бегство, особено со оглед на високата запретена казна за ова кривично дело во траење од најмалку 10 години, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци достави предлог за определување мерка притвор.
Дума.мк