Велешанката Лана Басаров ја освои првата награда на ораторскиот натпревар по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј

Објавено на 21 мај, 2025 во 14:11

Лана Басаров ученичка од прва година во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, го освои првото место на средношколскиот ораторски натпревар кој денеска се одржа во Голема сала на Општина Велес по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј. Младите велешани говореа под мотото „Збор со корен, глас со сила – Од длабочината до височината – ние сме гласот на она што тие го напишаа“.

Ученичката Басаров која е под менторство на професорката Цветанка Карамаркова, по прогласувањето за Дума.мк изјави дека е пресреќна што го освоила првото место иако не очекувала.

-Посветив многу време на овој говор и за пишување како и за вежбање на говорењето. Пресреќна сум што сум прва, иако навистина не го очекував тоа , објасни Басаров.

Второто место ѝ припадна на Мерве Исмаилова, ученичка од прва година во ОСУ „Јовче Тесличков“ под менторство на професорката Милка Петровски, додека третото место го освои Димитар Кузманов, исто така, ученик од прва година во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ под менторство на Цветанка Карамаркова.

Жири комисијата составена од заменик градоначалникот Коста Нојков, Костадинка Атанасова и Кристина Зафирова имаше тешка задача да ги оцени настапите бидејќи сите ученици покажаа високо ниво на подготовка, убедливост и јасна говорничка визија.

На ораторскиот натпревар учество земаа седум ученици од четирите средни училишта во градот кои преку говорни вештини ја изразија својата почит кон делото на Св. Кирил и Методиј. Во натпреварот учествуваа и Марко Варналиев од втора година од ОСУ „Јовче Тесличков“ и Суаде Јусуфи од трета година од истото училиште, под менторство на професорката Милка Петровски. Потоа Матеа Николова од втора година од ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ под менторство на професорката Мариче Стојанова и Даниел Србов од трета година од ССОУ „Димитрија Чуповски“ под менторство на професорката Елеонора Игновска.

Победничката Лана Басаров ќе го прочита својот говор повторно на свечената академија што ќе се одржи во петок, во Општина Велес, по повод Денот на сесловенските просветители, кога ќе ѝ биде врачена наградата. На настанот се очекува присуство на претставници од образовните и културните институции, како и на пошироката јавност.

Стефани Манева

Фото:

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.