М-р Нада Јованова од Велес автор е на новиот учебник по „Финансиско сметководство“ за економски техничари во Македонија (фото)
Министерството за образование и наука го одобри новиот учебник по „Финансиско сметководство“ наменет пред се за учениците од четврта година во средното стручно образование од Економско – правна и трговска струка за образовниот профил Економски техничар. Учебникот може да го користат и сите заинтересирани читатели кои сакаат да стекнат знаења од областа на сметководството и сметководствената евиденција во трговските друштва. Самостоен автор на овој учебник е м-р Нада Јованова професорка од Средно економско училиште „Јовче Тесличков“ од Велес. Јованова е професорка од градот која освен на пренесување на знаењето на учениците во училиштето, исто така, е посветена и на подготовка на учебници и прирачници кои се клучна алатка во совладување на знаењата во образовниот процес во Македонија.
-Учебникот „Финансиско сметководство“ резултат е на посветена работа, континуирано истражување и длабоко разбирање на образовните потреби во нашата земја. Во создавањето на овој учебник се водев од принципите на иновативност, достапност и практичност. Содржината е прилагодена на современите образовни стандарди, со акцент на интерактивно учење и развој на критичкото размислување кај учениците. Посебно внимание посветив на неговата корисност како за учениците, така и за наставниците, кои го користат како основна алатка во наставата, рече м-р Јованова.
Професорката,исто така, особено внимание посветува и на јасно и логично структурираниот материјал, со практични примери, за да ги поттикне учениците на размислување и примена на градивото. Земајќи ги во предвид поставените цели и задачи на наставната програма, стандардите и трендовите за подготвување на стручна литература, содржината концепирана е од четири модуларни едниници поточно првата или „Евидеција на трошоци“, втората односно „Евиденција на готови производи и трговски стоки“, третата којашто се однесува на „Евиденција на обврски и капитал“ и четвртата поточно „Евиденција на приходи и расходи и финансиски резултат“.
-Она што го прави учебникот „Финансиско сметководство“ посебен е интеграцијата на современи методи на учење. Текстот е збогатен со интерактивни прашања, задачи и активности кои ќе ги поттикнат учениците да истражуваат, анализираат и применуваат. Ова овозможува да се разберат основите на сметководственото анализирање и евидентирање на транскциите, сумирањето на евиденцијата и подготовка на финансиските извештаи, додава м-р Јованова.
Составен дел на овој учебник се и вежбите со примери за сметководствени настани и трансакции кои се дел од деловните активности на трговските друштва и помагаат за поуспешно разработување на презентираниот материјал. Овие елементи не само што го прават учењето интересно, туку и го зголемуваат нивото на разбирање и критичко размислување кај учениците.
-За наставниците, учебникот е внимателно осмислен за да им служи како практичен водич. Се трудев да им понудам материјали што ќе ја олеснат подготовката за наставата, како и предлози за активности кои ќе ги мотивираат учениците да се вклучат во процесот на учење. Истовремено и сите оние кои се поврзани со финансиското работење на деловните ентитети како сопственици, инвеститори, кредитори, вработени и државните институции, треба да го познаваат сметководството за да можат да ги мерат финансиските перформанси на бизнисот. И секој кој ќе се најде во оваа улога потребно е добро да го совлада сметководството поточно начинот на кој финансиската информација е генерирана, интерпретирана и анализирана, смета професорката Јованова.
Според неа, како автор, значајно е успехот на еден учебник да се мери не само преку бројот на ученици кои го користат, туку пред се преку неговото влијание врз образовниот процес.
-Една од моите главни цели е учебникот „Финансиско сметководство“ да биде учебник кој ќе ги инспирира учениците да го сакаат учењето, да истражуваат, да учат и создаваат и да ја ценат вредноста на знаењето. Благодарна сум на Министерството за образование и наука за поддршката и довербата, како и на моите колеги и експерти кои беа дел од процесот на развој и придонесоа со своите совети и сугестии. Ова е заеднички успех за сите нас кои веруваме дека квалитетното образование е најголемата инвестиција во нашата иднина, додаде м-р Јованова.
Како авторка таа се надева дека овој учебник ќе ја оправда довербата и ќе се покаже како вреден ресурс за за секој ученик и наставник но и ќе придонесе за унапредување на образованието на генерации ученици. Во исто време и како личен придонес во градењето на подобро образование, што е најголемата инвестиција во иднината на нашата држава.
М-р Нада Јованова е професорка со 25 години работен стаж. Таа досега во подигнувањето на квалитетот на образованието на генерации ученици свој придонес даде и како самостоен автор на учебниците „ Сметководство“ за втора година“ и „Деловно работење“ за четврта година. Според новите модуларно дизајнирани наставни програми, како што е пишуван и овој учебник, авторка е и на учебникот „Финансиско сметководство“ за четврта година. Во постапка на одобрување од Министерство за образование се уште два нејзини учебници „Финансиско сметководство“ за трета година и „Основи на сметководство“ за втора година.
Претходно м-р Јованова дел е и од авторски тимови кои ги подготвија прирачниците „Модерен тренинг за бизнис“ и „Учење претприемништво“.
Убавка Јаневска