Велешки „Кристал 1923“ апелира владата да го извади сончогледот од листата на луксузни производи, производителите бараат субвенција за годинешниот преполовен род
Сончогледот не може да биде дел од државната листа на луксузни производи. Неговото производство во Македонија е од стратешки интерес затоа што оваа култура исклучиво е наменета за производство на масло за јадење. Зголемувањето на цената на ДДВ на сончогледот од 5% на 10% му создаде сериозни проблеми на велешки „Кристал 1923“, единствениот македонски производител на масло за јадење од сончоглед.
„Тоа преставува директен удар како за компанијата така и за земјоделците бидејќи сончогледот ни е луксуз ниту има потреба да се воведе 10 % ДДВ кога за суровото масло изнесува 5%. Апелирам до владата да ја преиспита одлуката и да ја врати цената на ДДВ на сончоглед на 5%. Информиран е министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, разговаравме со него и мислам дека ќе вложи напори на седница на Влада да се врати старата стапка затоашто директно влијае или го загрозува откупот на сончоглед во Македонија, рече извршниот директор Горанчо Лазов.
„Кристал 1923“ шест години континуирано работи на планот на враќање на сончогледот на македонските ниви. Минатата година беа почувствувани првите резултати со откупени 9.800 тони македонски сончоглед. И проекцијата за годинава изнесува 10.000 тони. Откупениот род на македонските производители има цена од 333 евра по тон или 13 евра повеќе од цената што се плаќа во соседните држави.
Но по двојно зголемената цена на ДДВ велешкиот производител на масло за јадење ќе мора да ја преиспита веќе донесената одлука на планираните количини за откуп. Особено што годинешниот род на македонските производители е преполовен поради неповолните временски услови.
Токму за овие два проблеми, квалитетот на родот и цената, денеска на работен состанок во „Кристал 1923“ разговараа менаџментот и производителите. Велешката компанија им го откупува родот за 20,50 денари по килограм, франко Велес, или за 9,50 денари помалку од минатата година. Тоа е цена што сепак е повисока од понудената во соседството.
„Бараме од министерството за земјоделство преку интервентниот фонд да добиеме субвенција од 6 па и 7 денари за килограм. Годинава произведувам сончоглед на 50 хектари и приносот е многу мал, 1.200 тони по хектар, што споредено со минатата година е катастрофален како по принос така и по цена. Петстотини килограми помалку во споредба со лани. Годинава го сеевме во услови на обилни дождови додека зреењето на зрното беше во услови на голема суша, рече Миле Кебаковски од Прилеп.
„Приносите на сончоглед и во битолскиот регион се преполовени а и цената е многу ниска во споредба со минатата година. Затоа апелираме до владата и до ресорното министерство да ни излезат во пресрет и да не субвенционираат со помош од интервентниот фонд за да можеме да продолжиме со одгледување на сончоглед како во Пелагонија така и во цела Македонија ,рече Сашо Петровски од Битола.
Во силосите на велешки „Кристал 1923“ досега се откупени 6.000 тони сончоглед од кои 3.800 македонски, 2.050 тони од Србија како и 150 тони од оваа индустриска култура од Косово од каде за предавање на родот во велешката компанија годинава има голема заинтересираност на косовски производители.
Убавка Јаневска