Вештачката трева на велешки Градски стадион не може да се смени со природна, општината ја планирала поправката на околниот ѕид (видео и фото)

Објавено: 22 април, 2026, во 14:57 часот

Постојат причини зошто нема да се смени вештачката трева со која е послан фудбалскиот терен на Градски фудбалски стадион „Зоран Паунов“ одговори Министерот за спорт, Борко Ристовски. Дума.мк ги пренесе забелешките на фудбалерите ветерани и дел тренери на поранешен ФК„Борец“ кои во првично објавената и споделена на социјалните медиуми информација за реконструкцијата на атлетската патека предлагаа промена на вештачката со природна трева. Во коментари напишаа дека природната била многу подобра и по безбедна од вештачката која исто така имала и оштетувања.

Министерот Ристовски смета дека немало економска логика државна инвестиција што чинела над 20 милиони денари да се менува на три години, особено што најголеми фудбалски клубови играле на вештачка трева и додаде:

Градски стадион „Зоран Паунов“ досега имаше неколку реконструкции на трибини, и од лева и од десна страна, доградба на трибина пред службена зграда, поставување на пластични столчиња, реконструкција на соблекувални и службени простории како и на тунел за влез на фудбалскиот терен со покривање, на поставување на светла и реконструкција на платформа за снимање и известување од десна како и на изградба на втора, на лева страна но оставен е без реконструкција на обиколен или ограден ѕид. Тој на неколку места има сериозни оштетувања односно разградување и паѓање на камењата од него.

Дума.мк го прашаше Градоначалникот Марко Колев дали општината може од сопствениот буџет да издвои финансиски средства за реконструкција на ѕидот и посебно на деловите каде што има големи дупки во него.

Колев соопшти дека општинската администрација подолг временски период разговарала за проект со кој што би се изградила улица, помеѓу обиколниот камен ѕид на Градски стадион и железничките пруги, која што би завршила на паркинг плацот пред  Градски базен  и при таа изведба би се обезбедила поголема сигурност на темелите на ѕидот како и негова поправка.

-Еве првпат би спомнал дека јас и општинската администрација подолг временски период разговараме за пробивање на нова улица, која што од една страна ќе значи затворање на постоечката до стадионот, но од друга страна ќе овозможи поврзување со Градски базен, за што ни треба временски период за планирање затоа што се работи за поголема инвестиција со која ќе се обезбеди безбедено движење на граѓаните и планирана е поправка на оградниот ѕид на Градски фудбалски стадион со зацврстување на неговите темели,“ додаде  Колев.

Најголемите обожаватели на ФК „Борец“ кои и најчесто ги користат трибините сметаат дека тоа што досега не е инвестирано во обиколниот камен ѕид и не се санирани првите негови оштетувања се гледа на северната и источната а делумно и на западната страна каде сосема или делумно се разгради па се поставени лимени плехови. Во преостанатиот дел потребно е да се вложат финансиски средства побрзо затоа што на неколку места можат да се свлечат поголем број на камења од ѕидот. И да не се дозволи наместо од природен материјал, еден ден, да осамне со ограда од лимови и железа.

Внимание требало да се обрне и на преостанатите дрвја на косината над десната трибина, над железничките пруги од надворешна страна, но без да бидат исечени.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.