(Видео и фото) Доброволна работна акција на Акцијаши Ветерани на Спомен Костурница, одбележан поранешниот ден на доброволна младинска работа
Се беше исто како пред четири или пет децении. Тогашните бригадири на младинските работни бригади и денешни Акцијаши ветерани беа на работна акција. Доброволно започнаа со ново уредување на парковските површини под културниот споменик и симбол на Велес, Спомен Костурница.
Сите заедно и на едно место, поранешни претседатели и секретари на Општинската организација на сојуз на социјалистичка младина на тогашен Титов Велес, членови на претседателства, секретарот на Сојуз на социјалистичка младина на Југославија и искусните бригадири како и команданти на велешките Младински работни бригади.
Мотивација да се изведе еднодневната работна акција е да се одбележи 1 Април – денот којшто во поранешната држава, СФР Југославија, беше нивен ден. На младите момчиња и девојки кои добиваа само униформи, маички, патики и капи а работеа без финансиска надокнада на изградба на автопати, железнички пруги, патишта, водоводни линии, канализациони мрежи, насипи и кејови на реки или пошумуваа илјадници квадратни метри шуми. Тие на оваков начин и се оддолжуваа на државата и покажуваа младинска, граѓанска одговорност.
И денеска, кога најголем дел од поранешните Акцијаши се Ветерани, поточно пензионери или од пензија ги дели уште по некоја година спремно и одговорно ги фатија моторните и рачните пили, ножиците за кроење на гранки, копачите, мотиките, лопатите, ашовите и вилите за да го започнат уредувањето на парковската површина под и над Спомен Костурница. Освен што се радуваа на младите, ученици на државното училиште „Коле Неделковски“ и на волонтерите на велешки Црвен Крст тие ги повикаа своите сограѓани да им се придружат во намерата културно историскиот споменик повторно да го добие стариот сјај.
Во денешната доброволна работна акција на ветераните од Работната бригада „Кочо Рацин“ учествуваа и вработените на Народен Музеј Велес.
Ова е една од повеќето доброволни работни акции со кои ќе продолжи расчистувањето и уредувањето на зеленилото на Спомен Костурница што ќе се одржат годинава во Велес. Во нив може да се вклучат сите граѓани кои го почитуваат својот Велес и посакуваат да го видат по чист, по уреден, по зелен и полн со живот и особено со туристи дојдени да ги видат неговите спомен обележја.
Убавка Јаневска