(видео и фото) Професори од Велес и Велика Плана создадоа платформа што практично ќе ја користат учениците во економските училишта
Околу 50 ученици од економското општинско училиште „Јовче Тесличков“ од Велес и 60 средношколци од средното економско угостителско училиште „Вук Караџиќ“ од Велика Плана, Србија, беа дел од проект насловен „Учиме преку работа во училиште и се подготвуваме за работа во стопанството“.
Преку платформата virtuelco.com којашто била изработена во текот на проектот како и прирачникот испечатен на македонски и српски јазик, средношколците имале можност да видат како функционира деловниот свет и по завршување на нивото образование, поточно доколку одлучат да работат веднаш после средното образование, ќе им помогне многу полесно да се снајдат на пазарот на трудот, објасни Васко Трајковски директор на економското училиште на денешната завршна конференција на проектот.
Професорката Оливера Шточич од Србија заедно со Трајковски ја добиле идеата за реализација на овој проект и објасни дека учениците на овој начин имаат можност да видат како се работи во компаниите, кои документи се потполнуваат и каков е протокот на документација во секоја компанија.
На завршниот настан преку презентација професорите по информатика од велешкото економско училиште но и од училиштето во Велика Плана, детално објаснија како течела подготовката за платформата.
Професорот по информатика Дејан Петрович пред објективот на Дума.мк рече дека оваа платформа ќе работи во наредните 10 години и ќе им служи и на следните генерации средношколци.
Инаку, покрај учениците од овие две училишта, за времетраењето на проектот, платформата virtuelco.com била презентирана и во средните училишта низ Македонија и како и во четирите средни училишта во Велика Плана со што биле опфатени дополнително уште 100-тина ученици.
Проектот траел две години и бил спроведуван преку Еразмус + програмата.
Стефани Манева