(Видео) Со што е покриена езерската површина на „Младост“? – Советници на „Левица“ бараат а Општина Велес чека резултати од вонредната контрола
Повеќе од две недели езерската површина на велешко „Младост“ е прекриена со непозната материја која има боја на песок. На прв поглед материјата наликува на пена но доколку се доближите до неа се забележува дека тоа не е така. Оваа материја како да започнала да ја покрива езерската површина од јужниот крај на езерото, во близина на село Отовица. Потоа се шири долж западниот крајбрежен езерски брег. Во помали парчиња ја има на сите плажи од влезот на езерски појас, од страната на Велес, се до плажата пред хотел „Романтик“ и под платформата на ресторан „Бела вода“.
Во соопштение за јавност денеска членовите на Совет на Општина Велес од советничка група на Левица побараа од надлежните институции како што се: Центар за јавно здравје, Републички инспекторат за животна средина, Општина Велес и Институт за јавно здравје, да ја информираат јавноста за причината на состојбата на Езерото Младост. Поточно институциите да потврдат дали водата на велешко „Младост“ безбедна е за користење и да преземат мерки со кои би се подобриле квалитетот и изгледот на езерото.
Дума.мк ја прашаше Општина Велес со што е прекриена езерската крајбрежна површина, за каква материја станува збор, дали се земени примероци и се очекуваат ли резултати од испитувања на водата во велешко „Младост“ како и дали истата е безбедна за капење?
Од таму одговорија дека вчера, 19 јуни, до овластената лабораторија „ФУД ЛАБ“В ДОО Скопје издале вонреден налог за земање на примероци за анализа на површинска вода, бидејќи според микробиолошките индикатори, анализираните примероци на вода ги надминуваат границите за добра вода на локации: плажа Бела Вода и плажа Романтик. Лабораторијата земала примероци и општина Велес е во очекување на резултатите од вонредното испитување.
Убавка Јаневска