(Видео) За проект од Еразмус + се вмрежуваат велешките хемиско училиште и интернат заедно со средното училиште и колеџ од Турнов во Белгија

Објавено на 17 ноември, 2023 во 09:00

Средното стручно општинско училиште „Димитрија Чуповски“ во Велес, неделава е посетено од страна на двајца професори од белгиското училиште „ХИВСЕТ“ од Турнов, со цел да се запознаат со образовниот и здравствениот систем во Македонија. Преку оваа посета тие ќе можат да ги согледаат можностите коишто ги нуди училиштето и во 2025 година преку Еразмус + програмата да се направи размена на ученици поточно нивни ученици да посетуваат настава во хемиското училиште и наши ученици да го посетат нивното училиште.

Професорката Љубинка Ртоска од хемиското училиште рече дека ова е прва средба помеѓу професорите од здравствените струки и она што следува во следниот период е пишување на еразмус проект за размена.

Мишел Пешјус и Илце Шерс се професори по здравствени струки во ХИВСЕТ (Високиот институт за медицински сестри Синт-Елизабет Турнхаут) во Турнов. Тие во видео изјава за Дума.мк рекоа дека можностите од Еразмус + програмата се од особено значење за учениците од двете земји и позитивно се изненадени од Велес, училиштето и сите институции коишто ги имаат посетено до сега.

Професорите Пешјус и Шерс исто така реализираа посета и на средношколскиот интернат „Лазар Лазаревски“ во Велес каде ги разгледаа условите за престој на ученици во домот и можноста за понатамошна соработка при размената на ученици коишто ќе бидат дел од Еразмус + проектот. Тие беа задоволни од сместувачкиот капацитет на домот и изненадени од фактот што средношколците од Македонија за сместување и храна не плаќаат туку тоа за нив го прави државата.

Според директорот Маријанчо Јорданов на ОУД „Лазар Лазаревски“, исто така, ќе учествува во подготовка на проектот како партнер на ССОУ „Димитрија Чуповски“ и средното училиште од Турнов во Белгија.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.