Викендов во Голозинци, „XXXVI Средби на извидници 2022“
Во живот во природа, неформално образование, ориентација и топографија во непознат терен, прва помош и исхрана во природа се натпреваруваа 150 извидници од државата и од странство. Натпреварите се одржаа во Извиднички центар Голозинци,во општина Чашка, изминатиот викенд од 9 до 11 септември.. Организатор и домаќин беше велешкиот Извиднички одред „Димитар Влахов“. Со средбите одредот домаќин ја започна прославата на „100 години скаутизам во Велес 1922 – 2022“, „70 години извиднички одред Димитар Влахов“ и на денот на државноста на Република Македонија.
-На средбите беа постигнати следните резултати. Во категоријата извидници прво место освои патролата на ИПО „Сидро“ од Скопје, второто место и припадна на патролата на Првиот скопски извиднички одред и третото место на патролата на ИО „Еквинокс“ од Штип. Во категоријата на истражувачи и ровери првото место го освои патролата на ИО „Скаут“ од Куманово, второ место патролата на ИО „Мија Станимировиќ“ од Ниш, Република Србија и третото место патролата на ИО „Еквинокс“ од Штип. Покрај ова беа доделени и пакет на извидничка литература за најдобро изработените материјали кроки, извештај на дел од помината патека, итенерер на минско поле, скица на дел од помината патека и скица на контролна точка, рече старешината Ангелче Гушев.
На триесет и шестите средби на извидници „Голозинци 2022“ учествуваа екипи на одредите од Скопје, од Прилеп, од Штип, од Кичево,од Куманово, од Виница, од Кочани од Битола и домаќините од Велес како и од странство поточно екипи на извидници од Ниш, Република Србија.
Од Извиднички одред „Димитар Влахов“ нагласија дека сите учесници на средбите исто така присуствуваа на кратка промоција на Младински центар Велес и при посетата имаа можност да се дружат, подобро да се запознаат меѓу себе и да изработат знак со еко порака.
Убавка Јаневска