Внатрешноста на средношколски дом во Велес преуредена сега со проект се бараат средства за нов покрив и фасада
Варосување на спалните соби и читалните со мотиви на домашен амбиент, набавка на ученички клупи, столчиња и табли како и двоседи за холот и пред читалните се последните активности на средношколскиот дом „Лазар Лазаревски“ во Велес. По опремувањето со нови легла и душеци како и вградени плакари спалните сега имаат сосема нов изглед. Откако беше промената дограмата со нови пвц прозори и врати сега директорот Марјан Јорданов вели дека ќе настојува што поскоро да се стави и ламинат над амортизираниот паркет во просторот што е најмногу искористен во средношколскиот објект.
-Се што досега набавивме е со финансиска поддршка на министерството за образование и наука. Со сопствени средства учествувавме во промената на електричните со три бољери поврзани на соларни панели. Тоа овозможи месечна заштеда на електрична енергија во висина од 22.000 денари. Така овозможивме во секое време корисниците на средношколскиот дом да имаат топла вода. Подобрени се условите во спалните соби што не мотивараше одиме чекор понатаму, поточно да ги уредиме и читалните. Покрај добрата интернет конекција, поставените телевизори исто така купивме и нови табли, поставивме полици што освен за книги може да се користат и за декорации со што на корисниците на нашите услуги, поточно средношколците од регионот, се обидуваме престојот да им го направиме поудобен односно да се чуствуваат како да се во својот дом, додаде Јорданов.
Како внатре така се инвестира и во дворната површина на средношколскиот дом во Велес. До подигнатото фудбалско игралиште се уредува простор за поставување и на летниковец. Со тоа целосно нов лик ќе добие дворната површина веднаш до ресторанскиот дел на интернатот.
-Во моментов подготвуваме и проектна документација што во координација со министерството за образование ќе ни овозможи целосна реконструкција на покривот на објектот изграден во 1963 година. Од тогаш до денес зградата не била подложена на промена на покривната површина составена од греди и салонитни табли. Тие прокиснуваат но среќна околност е што објектот под покривот има плоча којашто не дозволува водата да навлезе на третиот кат. Сметам дека до крајот на оваа година ќе го решиме и овој суштински проблем кој ќе ни овозможи да ја поставиме и фасадата. Со тоа целосно ќе можеме да постигнеме енергетска ефикасност на домот, додаде Јорданов.
Јорданов исто така планира реализација на проект за уредување и на долниот дел од дворот со што целиот комплекс би добил нов лик. Објектот во Велес е со сместувачки капацитет од 221 легло и за претстој во него, годинава, во рамките на првиот рок конкурирале 120 средношколци од Вардарски регион. Пополнување на останатиот број на легла се очекува да бидат пополнети на втор конкурс.
Убавка Јаневска