Во Вардар на носечки столб на мост „Гемиџии“ има поголема количина на гранки и делови од стебла, кога ќе се отстранат ?

Објавено: 29 јули, 2026, во 11:28 часот

Над два метри кубни дрвја, претежно гранки, кои се собираат од крајот на месец јуни, годинава, на десниот столб на мост „Гемиџии“ во Велес треба да се отстранат затоа што претставуваат дополнителен товар за овој значаен инфраструктурен објект. Оваа констатација е на велешани, поголем дел од нив рибари, која ја кажаа пред новинарите на Дума.мк барајќи да дојдат до одговор на прашањето кога Општина Велес планира чистење и вадење на гранките од речното корито. Според нив дел од гранките и по некое стебло има и под вода кои што не се видливи со око. Според овие велешани сега, додека е намалено нивото на вода во речното корито, треба да се интервенира и отстрани насобраната дрвна количина.

-Вардар постојано носи гранки и по неговата површина можат да се забележат како водата носи и трупци, особено по врнежи и поголема количина на дожд. Јас не сум бил летово да ловам риба но пријатели ми рекоа дека гранки се трупаат и на столбовите на мостот кај Башино Село. Сега водостојот во речното корито е низок, рече велешанец.

-Купот со гранки започна да се формира од крајот на јуни. На тоа сум сведок затоа што сум секојдневно тука. И јас го поддржувам предлогот на пријателов. Потребно е да се извадат дрвјата додека може да влезе машина во речното корито, додаде велешанец.

Дума.мк побара став од Општина Велес. Локалната власт ја прашавме: Дали е планирано чистење од насобрана количина на гранки од дрвја на столбобот на мост „Гемиџии“ и кога ?

Оттаму соопштија дека ќе ја видат состојбата на лице место и потоа ќе одговорат на поставените прашања.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.