Во Велес само на Коледе, покрај огин, се пејат и „мрсни песни“ – традицијата продолжена и годинава (видео и фото)
Објавено: 6 јануари, 2026, во 00:46 часот
Покрај запален огин, собрани другари и соседи. Ова не е честа туку глетка што еднаш во годината се случува во ноќта што е посветена на Коледе. Празнувањето продолжува покрај трпеза на која се наоѓаат посни мезиња и има по некоја чашка греана ракија или чаша вино и пиво, велат повозрасните сограѓани кои вечерва се коледари.
Дел од нив сметаат дека во духот на градската традиција треба да се испее по некоја „мрсна песна“. Една и додека тече снимањето.
Огинот е особено интересен за децата па вечерва времето за заспивање е продолжено за неколку часа. До полноќ, за да можат утре наутро да станат и затропаат на портите на соседите кога ќе ја пејат добро познатата песна „Коледе леде“ за да ја пренесат веста за скорото раѓање на Исус Христос, велат мајките.

И ако имате соседи како што се тапанџии и зурлаџии тогаш тие ќе ве развеселат па музиката ќе ве понесе и ќе заиграте по некое оро. На полноќ од повеќе локации во Велес беа испукани огномети. Граѓаните се сеуште покрај запалените огнови низ сокаците, маалата и улиците.

Коледе му претходи на Бадник денот пред раѓањето на Исус Христос – Божиќ, според христијанската традиција.
Убавка Јаневска


