Во велешкиот смет, има помалку илјада пластични шишиња и лименки, во изминатите 10 дена
Првата собрана количина, во засега единствената повратна вендинг машина во Велес, изнесува 1000 пластични шишиња и лименки. Велешани оваа количина ја собраа во изминатите 10 дена со вметнување во првата вендинг машина поставена во продавницата што го носи бројот седум на „Агро Ели“. Продавницата се наоѓа во новиот комплекс на згради над Касарната „Алексо Демниевски Бауман“. Од „Пако Мак“, фирмата којашто е задолжена за празнење исто како и за поставување на вендинг машините, соопштија дека собраната почетна количина не е за занемарување.
Поточно на собраната прва количина на пластични шишиња и лименки велешани треба да гледаат како на исто толку, значи помалку 1000 парчиња, смет на градската депонија или низ улиците, тревниците и тротоарите во градот. Тоа значи дека граѓаните активно почнаа да земаат учество во селектирање на пластичен и отпад составен од лименки. Тие со внесувањето на пластиката и лименките придонесуваат за заштита на и онака деградираната животна средина во Велес.
Сега граѓаните потребно е да ја преземат ЕкоМак апликацијата на „Пакомак“ на следниот линк https://qrco.de/bdB0HZ која ќе им овозможи да започнат со селектирање на пластични шишиња и лименки.
„Се секое пластично шише или лименка добивате 1 (еден) зелен поен, а потоа зелените поени може да ги користите како вредносни ваучери за пазарување во селектирани маркети. Промената започнува од нас!,“ соопштија од „Пакомак“.
Поставувањето на Вендинг машини во Велес се иницијатива на млади сограѓани. Тие, минатата година, на 7 декември, ја избраа за приоритетна како една од вкупно 17 иницијативи на кои ги поттикна Агенција за млади и спорт преку проект за младинско учество и вклучување на младите во донесувањето одлуки на локално ниво, во областа на животната средина и климатските промени, финансиски поддржан од Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ). Тие ја добија и поддршката на Совет на Општина Велес.
Тогаш младите предложија првична набавка на 4 (четири) вендинг машини за поставување на исто толку локации во Велес. И тоа по една во населба Тунел, на улица „Благој Ѓорев“ на потег од „Гимназија Кочо Рацин“ до велешки Театар, во центарот на Велес, околу поранешна Стоковна куќа, како и на една локација на источната страна на градот.
Убавка Јаневска