Започна платеното паркирање во Велес, различни се цените и времетрањето во зоните
Официјално започнува наплатата за услугите на јавните паркинг места по зони. Јавното претпријатие „Парк – спорт и паркинзи“ Велес по тест периодот за усогласување на системот за евиденција на возила со мобилен оператор започнуваат со наплатата. На секој паркинг простор поставени се информативни табли на којшто има детални информации за точно внесување на податоците за возилото.
Јавните паркиралишта со коишто управува јавното претпријатие се поделени во три зони и тоа А, Б и Ц зона. Во зависност од зоната, дефинирани се цени на паркирање во неколку тарифи.
Во зона А има три подзони и тоа Подзона А1, вон улично паркирање на паркинг просторот на улица Гоце Делчев под судот, подзона А2, вон улично паркирање на паркинг простор на улица 8ми Септември, под Градски саат и Подзона А3, вон улично паркирање на паркинг простор кај зградите кај „Чешелот“.
Во зона Б има 9 Подзони и тоа Подзона Б1, вон улично паркирање на паркинг простор на улицата Алексо Демниевски Бауман, Подзона Б2, вон улично паркирање на паркинг простор на улица Наум Наумовски-Борче, Подзона Б3, вон улично паркирање на паркинг простор на улица Оливер Китановски, поранешна ул. Прва Комуна, Подзона Б4, улично паркирање на дел од улицата Лазо Осмаков, Подзона Б5, вон улично паркирање на паркинг просторотна улица Љубљанска, Подзона Б6, вон улично паркирање на паркинг просторот на улица Петре прличко ,покрај Автобуска станица Велес, Подзона Б7, вон улично паркирање на паркинг просторот на улица Ангел Мишев во близина на Градски пазар, Подзона б8, вон улично паркирање на паркинг просторот на улица Ангел Мишев во близина на Стар мост и Подзона Б9, вон улично паркирање на паркинг просторот на улица Нада Бутникошарева.
Секоја зона има различна сума за услугата, поточно во зона А се наплаќа 30 денари за еден час и паркирањето е ограничено на два часа, што значи дека едно возило може максимум два часа да биде паркирано на тој простор. Потоа зона Б, за еден час се наплаќа 20 денари и нема ограничување на паркирањето. Зона Ц е со најниска цена, односно 10 денари од час без ограничување на паркирање. Постои можност за дневна паркинг карта од 24 часа за сите три зони и цената изнесува 400 денари.
Услугата за паркинг местата ќе се наплаќа од понеделник до петок од 07:00 часот до 23:00 часот по летно сметање на времето, додека во сабота ќе се наплаќа од 07:00 до 17:00 часот. По зимското сметање на времето, услугата ќе се наплаќа од 07:00 часот до 21:00 часот, додека во сабота ќе се наплаќа од 07:00 до 16:00 часот.
Во празници и недела услугата за паркинг нема да се наплаќа.
Стефани Манева