Започна пријавувањето на угостителите и винариите за учество на „Питијада 2023“

Општина Велес ги покани сите регистрирани правни лица со угостителска или пекарска дејност, винарии и регистрирани индивидуални пекарски произведители да се пријават за учество на фестивал на велешка пита и вино „Питијада 2023“. Питијадата ќе се одржи од 6 до 8 октомври на традиционалната локација на улицата „Благој Ѓорев“ над и пред средното општинско училиште Гимназија „Кочо Рацин“.
Годинава општината предвиде 36 места за поставување на штандови за продажба на пита и вино. Сите тие се наоѓаат на самата улица „Благој Ѓорев“. Пријавувањето на заинтересираните учесници се одвива преку пополнување на пријава во затворен плик на кој треба да стои назнаката „За Питијада 2023“ којшто се поднесува во Архивата на Општина Велес.

Рокот за поднесување на пополнетата пријава, објавена на веб страната на Општина Велес, е до 15 септември 2023 година. Цената за закуп на една позиција од 6 метри во должина има почетна цена од 200 евра, во денарска противредност, додека секој учесник може да се пријави за максимум две позиции.
Од Општината напоменуваат дека доколку за закуп на една позиција има повеќе од една пријава ќе спроведе наддавање.
Стефани Манева
