Здравствениот дом Велес со нов директор
Вршител на должноста директот на јавната здравствена установа Здравствен дом Велес е Ристе Богоевски. Него министерот за здравство, Беким Сали го именувал пред три недели. Богоевски е дипломиран правник со 12 годишно работно искуство. Богоевски на функцијата доаѓа со работно искуство во адвокатура.
Дума.мк го прашаше Богоевски за плановите и особено приоритетните активности по назначувањето на функцијата в.д. директор. Тој смета дека треба да продолжи со инвестиции во подобрувањето на условите за работа на здравствената институција и подигнувањето на квалитетот на здравствените услуги на граѓаните.
-Како јавна здравствена институција ќе посветиме особено внимание на подобрување на условите за работа и набавка на нова здравствена апаратура. По реконструкцијата на зградата, осовременување на просторот на Итната помош, сменетиот покрив сега сметам дека приоритетно е потребно да се насочиме кон делот во кои се издаваат здравствени услуги на најмладите наши сограѓани, поточно децата. Значи реновирање на вакциналните пунктови и набавка на здравствена опрема со која ќе го осовремениме следењето на здравјето на децата во Велес ќе биде мојот прв приоритет, рече Боговески.
Новиот в.д директор Богоевски ја наследи функцијата што претходно, во изминатите шест месеци, ја извршуваше д-р Виолета Ружинова Петкова како внатрешно решение на јавната здравствена институција.
Инаку, во ЈЗУ „Здравствен дом Велес“ работат службите за Итна медицинска помош и домашно лекување, за примарна здравствена заштита во рурални средини, за превентивна здравствена заштита на предучилишни деца, за превентивна здравствена заштита за училишни деца, за стоматолошка заштита на деца до 14 годишна возраст, Медицина на труд и за следење на деца со ризак и деца со пречки во развој.
Убавка Јаневска