(фото) Формирана е прва лига на ветерани во одбојка, велешани со победа ги започнаа натпреварите
За прв пат во историјата на било кој спорт во Македонија формирана е лига за сениори во одбојка. Во неа се вклучени осум екипи од државата, поточно од Велес, Скопје, Гевгелија, Прилеп, две екипи од Струмица и две екипи од Тетово и секоја од нив ќе биде домаќин за време на турнирите.
Одбојкарската лига на ветерани започна претходниот викенд, на 6 април, во Гевгелија каде првиот турнир го одиграа ветераните на велешки ОК „Борец“ со екипата на ОК „Шкендија“ од Тетово. На почетокот на наптреварот велешаните губеле 1:0, со што на крај го добиле натпреварот со резултат 2:1.
Во велешката екипа на ветерани играат Душко Анѓушев, Ѓоре Зафиров, Слободан Марковски –Шуки, Сашко Миланов, Златко Жабев, Ѓоре Арсов, Зоран Јовановски, Зоран Игнов, Горан Јанакиевски, Александар Гулевски, Тодор Стојанов и Марјан Габеров додека тренери им се Љупчо Настов и Јованче Манасков.
-Имам освоено многу титули како тренер и во машка и во женска категорија и во пионери, кадети, младинци меѓутоа сега за прв пат водам и екипа на сениори. Искрено имам огромна чест што ја водам оваа екипа на врвни и легендарни велешки одбојкарски имиња, вели Манасков во изјава за Дума.мк.
Инаку, по натпреварот во Гевгелија за сите екипи учесници од страна на домаќинот бил организиран ручек каде биле присутни околу 70 одбојкари ветерани и врвни одбојкарски имиња како и претседателот и потпретседателот на одбојкарската федерација на Македонија.
Инаку, следниот град во којшто ќе продолжи одбојкарската лига ќе биде дополнително одреден.
Стефани Манева