Одбојкарот на ГОК „Борец“, Андовски направи прв интернационален трансфер (фото)

Објавено на 4 јули, 2023 во 09:45

Средниот блокер на ГОК „Борец“, Христијан Андовски од 29 мај, годинава, играч е на словенечкиот одбојкарски состав „Триглав“ од Крањ. Тогаш ова момче, првотимец на велешкиот градски одбојкарски клуб и најуспешен спортист за 2021 година на Општина Велес,потпиша договор со словенечкиот клуб.

Првиот интернационален трансфер на Андовски доаѓа по постигнати успеси какошто се: бројка од одиграни околу 100 натпревари во четиригодишното бранење на боите на матичниот клуб, две годишни натпреварувања во состав на Mладинска одбојкарска репрезентација на Македонија (U-19) и селектирање во состав на Сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија, од пред една година.  

Трансферот следи откако Андовски доби покана од тренерот Радован Гачич на „ACH Volley“ во Љубљана да покаже што знае и умее во Љубљана, пред претставници како на неговата, така и на управите на клубовите МОК „Крка“ од Ново Место и ОК „Триглав“ од Крањ во Република Словенија. Со висина од 197 сантиметри и одраз во напад што достигнува 330 сантиметри, овој одбојкар својот талент го презентираше на проби додека останатите поканети одбојкари тренираа.

На прашањата на Дума.мк откриена ли е нова, млада, велешка спортска надеж со интернационална кариера, Андовски срамежливо одговори дека благодарен е ако така мислат велешани и македонската спортска јавност.  

“Задоволен сум и во трансферот гледам можност да ги покажам и докажам мојот талент и постигнатите досегашни резултати. Сосема сум свесен дека првиот меѓународен трансфер е голем успех за мене и очекувам да влијае на развивањето на мојата професионална спортска кариера. Сепак сакам да го издвојам следново. Каков или колкав да е овој мој успех, тој се должи на тренерот на ОК „Вардар“ Дејан Стојанов Бусо поточно на неговите професионалност и стручност коишто оставија трајни белези во мојот спортски развој. Бусо пред две години дојде на тренерската позиција во ГОК „Борец“ и тогаш во мене ги вложи сите свои знаења, стручност и компетентност.Тој го откри мојот талент а јас ги слушав и спроведов неговите професионални и стручни совети кои се пресудни за мојот, спортски, одбојкарски развој преку градење на интернационална кариера. Затоа сакам јавно да му се заблагодарам на Бусо велејќи: „Мајсторе, сите мои досегашни и идни,се и ќе бидат наши, заеднички успеси!“.  

И бидејќи секој млад и успешен човек во животот си поставува цел го прашавме Андонов која е неговата животна цел?

„Кога еден ден ќе го облечам дресот на италијанска Модена и мојата професионалност ќе се препознае во постигнатите резултати и успеси на овој клуб тогаш ќе можете да напишете дека сум ја остварил животната цел“, додаде Андовски.

Овој млад талентиран и надежен велешанец, одбојкар, исто така беше и одличен ученик во смерот Компјутерска техника и автоматика на ССОУ„Коле Неделковски“. Андонов е добитник на престижна Диплома „Најдобар ученик на Општина Велес за 2022 година“ што секако е голема предност да го продолжи образованието на Факултетот за информатика во Љубљана, Република Словенија.  

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.