Ангелов на работна средба со американски пожарникари: Македонија користи сличен систем за пружање прва помош преку 112 како и САД
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, имаше работна средба со тим од петмина американски пожарникари од округот Томпкинс, во државата Њујорк, во САД. Американскиот тим го предводеше командирот д-р Никола Данев.
На средбата беа разменети искуства. Гостите го посетита Телекомуникацискиот центар на 112 во ЦУК, при што со симулирани повици за итни случаи на 112, беа запознати со начинот на функционирање на системот за итни повици и со координација на повиците што оперативно се остваруваат со една или повеќе служби или институции во Системот за управгување со кризи (СУК), во зависност од специфичноста на итниот случај кога граѓаните или материјалните добра се во опасност.
„Групата американски пожарникари, млади, но повеќекратно наградувани за нивната докажаност во нивната професионална служба во САД, искажа одушевување од професионализмот на кадрите, вработени во ЦУК. На крајот од работната средба, компаративно, беше заклучено дека се користи сличен систем за пружање прва помош преку единствен повикувачки број за итни случаи, како во Македонија, така и во САД. Конкретно, американската група пожарникари имаа можност да го испробаат нашиот систем во ЦУК преку анонимна пријава до дежурните диспечери и искажаа фасцинираност од брзината и подготвеноста со којашто им беше излезено во пресрет кога симулираниот повик. Посебен впечаток, како што нагласија американските пожарникари, им оставила непречената комуникација на англиски јазик што ја водеа со операторите и другиот кадарот на ЦУК,“ соопштија од Центар за управување со кризи.