МВР трага по лицата кои учествуваа во престрелката на Партизанска
Даниел Т. повредениот од вчерашната престрелка која се случи на крстосницата од булеварот Партизански одреди и улиците Бледски договор и Париска засега е во стабилна состојба, информираат од КАРИЛ.
„Повредите се многу сериозни, но засега е стабилно“, рекоа од КАРИЛ.
Даниел Т. на КАРИЛ бил примен со прострелни рани во стомакот, градите и раката и не бил во контактибилна состојба.
„На 15.11.2016 година во 00.01 часот во ЕИК Скопје од Ургентен центар Скопје било пријавено дека кај нив било донесено повредено лицето Д.Т. (45) од Скопје. Истиот на 14.11.2016 година во 23.35 часот на крстосницата од булеварот Партизански Одреди и улиците Бледски Договор и Париска, управувајќи ПМВ „Фолксваген Голф“ со скопски регистарски ознаки, изгубил контрола и удрил во бетонска жардиниера на средишниот дел од коловозот по што возилото се превртело на кров. Од сообраќајната незгода Д.Т. не се здобил со повреди, но кај истиот биле констатирани тешки телесни повреди од огнено оружје во пределот на стомакот, градниот кош и раката и е неконтактибилен“, пишува во билтенот на МВР.
Од полицијата велат дека и дека на 192 нема пријавено пукање, се утврдува каде и кога се случило пукањето и кој стрелал во сега повредениот. Повеќе медиуми утрово објавија информации дека повредениот е Даниел Трајковски – Близнакот од скопската населба Ѓорче Петров.
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, за НОВА информираше дека ги комплетираат информациите и детали за инцидентот ќе има во текот на денот.
Од МВР не кажаа дали се прегледани безбедносните камери кои се наоѓаат на булеварите.
Како што пишуваат медиумите Даниел Т. веќе неколку пати пријавувал обид за напад врз него. Еден од обидите бил лани кога, според пријавата, Даниел бил пресретнат од црн автомобил марка „пасат“, од каде што сакале да пукаат на него. Во дворот од куќата на Трајковски во 2012 година била фрлена бомба кашикара.
Извор: Новатв.мк