РСЕ: Јавниот долг ќе расте
Европската комисија, во најновата зимска економска прогноза, наведува дека долгот на Македонија ќе продолжи да расте. ЕК предвидува државниот долг годинава да достигне 37,4 отсто, а догодина 38,9 отсто од БДП, пишува Радио Слободна Европа.
Вкупниот јавен долг, кој го вклучува и долгот на претпријатијата во државна сопственост, јавните агенции и јавните финансиски институции, најверојатно ќе биде значително повисок.
„Сепак, вкупниот јавен долг, кој го вклучува и долгот на претпријатијата во државна сопственост, јавните агенции и јавните финансиски институции, најверојатно ќе биде значително повисок. Тоа, исто така би го опфатило и новоформираното Јавно претпријатие за државни патишта преку кое Владата ќе ги канализира значајните трошоци за патна инфраструктура, а кое може да позајмува во свое име со долг гарантиран од страна на Владата“, наведуваат од Европската комисија.
Со цел да се спречи натамошно зголемување на јавниот долг, Комисијата препорачува понизок дефицит, кој треба да се држи на ниво од 3,6 отсто од БДП-то до 2015 година. Комисијата заклучува дека ова веројатно ќе се покаже тешко со оглед на неодамна спроведеното зголемување на пензиите, најавеното покачување на платите во јавниот сектор за оваа година, како и зголемувањето на социјалните трансфери.
Вкупниот јавен долг на Македонија, без долгот на НБРМ, на крајот на септември минатата година изнесувал 3,226 милијарди евра, односно 40,2 отсто од БДП-то, се наведува во Претпристапната економска програма за периодот 2014-2016, објавена на интернет страницата на Министерството за финансии. Опозицијата смета дека тој долг сега е уште повисок, власта тврди дека Македонија е ниско задолжена земја.
Извор: РСЕ