Владата ќе кофинансира продавници на вино
Со буџетски пари ќе се кофинансираат 10 продавници за вино во неколку градови во земјава. Распишан е огласот за аплицирање на компании од трговскиот и угостителскиот сектор, кој трае до 30 април,јави Плусинфо.
– Владата ќе покрива по 50 отсто од трошоците за уредување на продавниците најмногу до еден милион денари, ќе покрие и половина од закупнината во висина до 500 евра во период од пет години и ќе исплаќа две просечни плати за двајца вработени во овие продавници, исто така во период од пет години – соопшти денеска на прес-конференција владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.
Ќе се субвенционираат две продавници за вино во Скопје и по една во Прилеп, Битола, Крушево, Охрид, Штип, Кавадарци, Берово и Струмица. Предност ќе имаат компаниите кои ќе понудат локации за продавници во централните градски подрачја.
Претходно Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изработи идејното решение за тоа како треба да изгледа ентериерот на овие продавници и утврди дека тие треба да зафаќаат површина од 30 до 100 квадратни метри.
Според Ѓорѓиев, преку отворањето на продавниците за вино, треба да се зголеми промоцијата на македонското вино произведено од 81 регистрирана винарија во нашата земја, да се зголеми внатрешната потрошувачка на македонски вина, да се збогати туристичката понуда, но и да се отворат на нови работни места.