Фактор: Девизни резерви – расте вредноста на златото !
За еден месец, или од јули до крајот на август салдото на девизните резерви се зголеми за 72 милиони евра и достигна скоро 2,5 милијарди евра. Според најновите податоци на Народната Банка, порастот на резервите се должи како резултат на раст на девизните резерви и на златните резерви. Имено, заклучно со август, девизните резервни средства во конвертибилни валути изнесуваат 2 милијарди и 232 милиони евра и во однос на јули се зголемени за 70 милиони евра. Пораст има и кај златните резерви, но како резултат на раст на цената на златото. Така, на крајот на август резервите во злато изнесувале 212,7 милиони евра или околу 2 милиони евра повеќе од нивната вредност во јули, јави Фактор.мк.
Рекордно ниво на државните резерви во август е продолжение на јулскиот раст, кој се случи како резултат на парите од задолжувањето со Еврообврзницата, што легнаа на сметка на резервите.
Во текот на изминатиот период, особено за време на изборниот процес, нивото на девизни резерви се намали. Во своите Извештаи народната Банка тогаш констатираше:
“Последната состојба на бруто девизните резерви, на 31 ви март изнесува 1 милијарда и 941 милиони евра, што претставува пад од 51,9 милиони евра во однос на крајот од претходната година. Негативните промени на девизните резерви во најголем дел се должат на нето-продажбата на девизи од страна на НБРМ на девизниот пазар и на трансакциите за сметка на државата“,пишува во априлскиот извештај на Народната Банка.
Последното јулско истражување на Светскиот совет за злато покажуваат дека на Балканот според вредноста на златните резеви на прво место е Грција, потоа Бугарија, па Србија. Во рангирањето на сто земји во светот, Македонија се најде некаде во последната група, на 78 то место.