Фактор: Поскапени акцизи за цигари – ќе цути ли повторно шверцот?
Последната одлука на Светската здравствена организација за зголемување на акцизите за цигарите, ќе ја намали потрошувачката, ќе ја стимулира продажбата на црно, но ќе ги намали приходите во буџетот, велат домашни агроексперти за Фактор. Ваквата одлука на СЗО ќе влијае и врз работата на тутунските компаниии во земјава, но нема да има значително влијание врз производството на тутун.
– Значи со зголемувањето на акцизите секако би имало некое намалување во потрошувачката, но истовремено и драстично зајакнување на црниот пазар на тутунски преработки, а автоматски и намалување на приходите во буџетот. Македонија не е земја од типот на Ирска каде тутун не успева. Кај нас ако цените на цигарите станат претерано високи како што тоа е случај во развиените земји во Европската унија, пушачите ќе почнат сами да си купуваат тутун од црниот пазар како што веќе и многумина го прават. Значи не треба да го занемариме примерот со прохибицијата со алкохолот во САД. Таму поаѓајќи од интелектуалниот занес и наводното душегрижништво донесуваат такви апсурдни закони кои подоцна предизвикаа интензивен развој на организиран криминал и негово зајакнување со кои и ден денес се борат. Значи се што е претерано финансиски оданочено создава идеални услови за криминал.Дали тоа би се одразило на фабриките за цигари. Одговорот е да секако, но во која мера тоа тешко би можело да се предвиди. На производството на тутун не би имало некој посебен одраз. Тоа од причини што во светски рамки Македонија учествува со 0,50 % во светското производство. Повеќе би биле оштетени некои големи производители на тутун од крупнолисните типови, а Македонија е производител на ситнолисни ориенталски тутуни кои во сегашните марки на цигари учествуваат со 5 %. Значи проблемот е поглобален, вели за Фактор проф. д-р Златко Арсов, од Катедрата за специјално поледелство и тутун при Факултетот за земјоделски науки и храна.