„Тиквеш“ добитник на престижна награда
Винарската визба „Тиквеш“ е добитник на годинешната награда „За нов квалитет во туризмот 2014“. Наградата, која за првпат е востановена во 1997-ма година од страна на влијателното списание за туризам во регионот – „Туристичка призма“ од Нови Сад, им се доделува на компании кои забележале исклучителни постигнувања во подигнување на нивото на услуги и стимулација на иновативни проекти во областа на туризмот во секоја од земјите од регионот.
Наградата ја доделува стручно жири составено од уредници и новинари од водечките специјализирани магазини, интернет портали и ТВ емисии за туризам во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија и Македонија.
„Добивањето на оваа престижна регионална награда од областа на туризмот е исклучително значајна за ВВ „Тиквеш“, бидејќи ги вреднува нашите напори и вложувања во развојот на винската култура и винскиот туризам, придонесувајќи на тој начин за промоција не само на брендот, но и на Македонија како винска земја и возбудлива туристичка дестинација“, изјави Игор Илиевски, генерален директор на ВВ „Тиквеш“.