ММФ ја мери кондицијата на Македонија за враќање на надворешните долгови
Тим на Меѓународниот монетарен фонд предводен од шефицата Иванна Владкова Холар од понеделник па во следните две недели ќе престојува во земјава. Мониторингот треба да покаже во каква финансиска кондиција е земјава и дали може навремено да ги подмирува надворешните долгови.
Монетарците под лупа ќе го стават и јавниот долг, како и минусот во државната каса, што по ребалансот беше продлабочен на 3,9 %.
Повод зошто монетарците ќе бидат во Скопје е пост-програмскиот мониторниг со кој се таргетирани земји членки што немаат аранжман со Фондот, но имаат долгови кон него.
Процесот на Пост-програм мониторинг (ППМ) е наменет за земји членки коишто имаат значителна преостаната обврска кон Фондот по истекот на нивните аранжмани, велат од канцеларијата на ММФ во Скопје.
Станува збор за редовна проверка на монетарците, втора по ред годинава.