Есенски извештај на Европската Комисија
Економијата ќе расте, но и јавниот долг и инфалцијата, прогнозира Европската Комисија во есенскиот извештај во делот посветен на Македонија. Според прогнозите следната година Македонија ќе има економски раст од 3,4 отсто, а во 2016 од 3,6 отсто.
Буџетскиот дефицит годинава се очекува да биде 4 отсто, и скромно да се намалува во следните години. Комисијата прогнозира дека нивото на јавниот долг годинава ќе биде 40,2 отсто и дека за две години ќе порасне до 43,5 отсто.
Јавниот долгот, кој изнесуваше 34 отсто од БДП на крајот на 2013 година, се предвидува да се зголеми дополнително за цели седум индексни поени. Ова зголемување, најверојатно ќе биде надминато со подемот на вкупниот јавен долг, со оглед на потребите за финансирање на јавни инфраструктурни проекти, се наведува во извештајот.
Во есенската економска прогноза за Македонија, Комисијата наведува дека инфалцијата годинава ќе биде на ниво од 0,7 отсто, следната година 1,2 отсто, а во 2016 ќе биде на ниво од 1,7 отсто.
Комисија прогнозира дека Македонија ќе остане на дното во Европа по висината на стапката на невработеност. Годинава невработеноста се очекува да биде 28,5 отсто, а 2016 година би се намалила на 26,6 отсто. Брисел е загрижен за високата стапка на невработеност кај младите.
Состојбата на пазарот на труд останува напната.Вкупната стапка на невработеност маргинално опаѓа, но стапката на невработени млади работници е зголемена уште повеќе во првата половина на 2014 година, стои во извештајот.
Комисијата предупредува дека увозот ќе се покаже како препрека за економскиот раст. Во следните две години, се предвидува – динамиката на извозната активност постепено да го неутрализира увозот, во очекување на почетокот со работа на новите странски компании.