Нова инвестиција во Кавадарци и Куманово во вредност од 16 милиони евра и околу 1000 нови работни места
21.04.2021
Заменикот на претседатеот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори, Фатмир Битиќи и управителите на Дрекслмајер, Јозеф Кауфман и Лукас Мирингер, денес го потпишаа договорот за државна помош за реализација на новата инвестиција на оваа германска компанија, со кој се предвидуваат инвестиции од 16 милиони евра и отворање на нови 1000 работни места во Кавадарци и Куманово.
Вицепремиерот Битиќи соопшти дека потпишувањето на овој договор за нова инвестиција на германската компанија Дрекслмајер, е уште една потврда за партнерскиот однос кој Владата го гради со компаниите кои функционираат во земјата, како и за поволната бизнис клима која поттикнува нови инвестиции и развој на компаниите. Тој потстети дека од септември 2020 година потпишани се 48 договори за државна помош со компании кои аплицираа по Законот за финансиска поддршка на инвестиции, а дополнително ова е вкупно петти договор кој се потпишува за нова инвестиција на странска компанија во земјата во овие 8 месеци.
„Ова значи, дека од септември 2020, вкупно 53 инвестициски проекти, со поддршка на државата се во тек, со вкупна вредност од 95,7 милиони евра и отвораат околу 2.000 работни места за граѓаните. Денеска го потпишавме договорот за државна помош со компанијата Дрекселмаер за нов инвестициски циклус од 16 милиони евра и 1.000 нови работни места. Инвестициите на Дрекслмајер, направени изминатите 9 години, но и оваа нова инвестиција, покажуваат дека компанијата ги препознава добрите бизнис услови во нашата земја и искрениот однос на Владата кон инвеститорите”, нагласи Битиќи.
Тој изрази задоволство со тоа што со овој инвестициски проект дополнително ќе се влијае на зголемување на извозот во нашата земја, а поради тоа што воведување на нова производна линија во погонот во Кавадарци и отворањето на новиот производствен погон во Куманово, ќе отворат нови можности за граѓаните од овие општини, но и ќе влијаат на локалниот економски развој.