Поништен тендерот за продажбата на земјиштето спроти НБМ
Министерството за транспорт и врски ја поништи продажбата на земјиштето кај Народната Банка, кое компанијата Амадеус Стоун го купи за 71 денар за метар квадратен, јави Телма.
Дел од парцелата на која требаше да се гради хотел бил во сопственост на три физички лица. Ова министерството го открило вчера откако граѓаните доставиле документи дека земјиштето им било денационализирано уште во 2009 година.
– По извршениот увид од страна на Катастарот известени сме дека е направен превид во документацијата која за ова земјиште била доставена до Министерствтото за транспорт и врски. Тука ги имам двата документа: првиот кој е доставен до нас и на кој се гледа дека земјиштетот е чисто и е во сопственост на РМ и вториот на кој се запишани други физички лица односно кој покажува дека 360 метри квадратни се приватно земјиште, изјави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Од Катастарот тврдат дека грешката ја направи референт кој не ја испочитувал вообичаената пракса да ги провери имотните листови за градежната парцела која беше предмет на јавно наддавање.
– На министерството не му се доставени податоци дека дел од градежната парцела е во приватна сопственост, дека земјиштетот уште во 2009 година е запишано на приватни лица по основ на денационализација. Тоа е оној превид што е направен во целата работа и мене ми е многу жал што се случи такво нешто, рече Славче Трпески, дирктор на Агенција за катастар на недвижности.
Според министерот Јанакиески, странскиот инвеститор кој парцелата со површина од 2.855 метри квадратни ја купи за само 3.296 евра, нема основа да ја тужи државата, бидејќи со него не бил склучен договор за купопродажба на земјиштето.