Новинарското здружение бара одговорност за исфрлувањето од Собранието на Македонија!

Објавено на 26 декември, 2012 во 16:39

ЗНМ бара полицијата да го открие и санкционира нарачателот на насилното исфрлање на новинарите од галеријата во Собранието. Соодветни казни, еснафското Здружение, бара да им бидат изречени и на лицата од собраниското обезбедување кои демонстрираа сила пред новинарите.

 

„Верувам дека најголем дел во МВР се професионалци и ќе го препознаат непрофесионалното однесување на нивните колеги . Очекуваме да се дистанцираат од нив и да ги санкционираат. Штетата е направена, сега се на потег институциите на некој начин  да го спасат  нивниот, но и образот на земјата пред светот“, рече Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

На МВР со претставката му е доставен и видео материјал од немилите случувања во собраниската галерија. Писмен одговор, новинарите, ќе чекаат еден месец. Тие преставка му поднесоа и на претседателот на собранието Трајко Вељановски. Од него добија одговор. Во соопштението на Вељановски пишува:

„Сакам да потсетам  дека потребните мерки ги планираат и преземаат припадниците на собраниското обезбедување. На почетокот новинарите без никакви забрани беа присутни на галеријата од пленарната сала. Откако се случи првиот инцидент, кога и јас како претседател на Собранието бев нападнат, кога беше уништена и техниката, а обезбедувањето мораше да ме извлекува од пленарната сала,  надлежното собраниско обезбедување имајќи предвид дека галеријата  е во суштина, дел од пленарната сала, донело оценка дека галеријата мора да биде празна за да не се случи некој поголем инцидент. За оваа оценка кога станува збор за присутноста на новинарите изразувам жалење“, пишува во соопштението на Вељановски.

Тој вети постапка во која ќе се утврдува одговорноста за настанот.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.