Нова средба на преговарачите во Њујорк!
Медијаторот Метју Нимиц, за 29-ти и 30-ти јануари свика нова средба на преговарачите Јолевски и Василакис во Њујорк.
Во кусото соопштение, испратено синоќа, пишува дека средбата е продолжение на разговорите, што тој, со високи државни претставници, ги имаше минатата недела во Атина и во Скопје.
За време на минатонеделните средби медијаторот Нимиц како што рече, претстави познати, но дополнети предлози за можни решенија, а од двете земји си замина, со оптимистички изјави, дека кај двете страни постои позитивна клима и волја за можно решение.
Медијаторот Нимиц, најави од Скопје интензивирање на разговорите, а новата средба, само две недели по посетата на Скопје и Атина, е во правец на интензивирање на динамиката за преговарачкиот процес, за спорот што Грција го има со нашето име.
