Груевски – Црвенковски на иста маса ќе бараат излез од кризата!

Објавено на 21 јануари, 2013 во 15:34

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, повика на лидерска средба, претседателот на СДСМ и предводник на опозицијата, Бранко Црвенковски, прифати.

Средбата е закажана за утре во 13.30 часот во Клубот на пратеници. Ќе се обидат двајцата лидери на најголемите политички партии во земјава на заедничка маса да изнајдат решение за политичката криза и за учество на опозицијата на претстојните избори, како и враќање во парламентот.

 

“ Република Македонија во рамките на својот државно правен развој се соочувала со предизвици од различен карактер, кои со мудро и одговорно однесување успевала да ги надмине и да извлече позитивни пораки, а притоа и да стане посилна. Во контекст на предизвиците кои се поставени пред нас, а кои бараат наше одговорно и сериозно поставување, како и внимание и заштита на државните интереси, како и интересите на сите граѓани на Република Македонија, би сакал да ја истакнам потребата од остварување на заедничка средба на која би се дискутирале прашањата од интерес и потреба“ стои во поканата од Груевски  до Црвенковски.

Република Македонија, подвлекува во поканата Груевски, спроведува реформи и проекти и мерки на сите полиња, а се наоѓа и во еден динамичен и интензивен евроинтеграциски процес, и како политички лидери треба да го вложиме својот авторитет за да овозможиме негова поддршка и развој на нашата земја, и ние тоа им го должиме на граѓаните.

Црвенковски позитивно одговори на поканата за средба и изрази надеж  дека кај премиерот Груевски постоела искрена политичка волја заеднички да се утврдат и реализираат сите предуслови за одржување слободни и фер избори како прв неопходен чекор за нормализирање на односите и создавање нов и неспорен кредибилитет на државните институции.

“Македонија  на патот за остварување на своите стратешки цели во ниту еден момент како држава не смее да ги поставува под знак прашање основните цивилизациски достигнувања и деморкатски развој, кои претставуваат столб за секоја модерна и интегрирана држава“рече Црвенковски.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.