Камиони не возат на Буково, Ѓавато и Маврово -Дебар!
Од 6 часот утрово воведена е забрана за камиони на патот Маврово – Дебар, во 6,30 часот иста забрана е воведена и на планинскиот премин Буково, а подоцна и на патот од Ресен за Битола преку планинскиот премин Ѓавато, информира АМСМ.
Причина се отежнатите услови на патиштата поради врнржи од снег.
Сообраќајот на сите останати магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива непречено во зимски услови.
На повисоките места во западните и југозападните делови на државата сообраќајот се одвива по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег по интервенција на дежурните екипи на Македонија пат.
Врнежи од снег во утринските часови се бележат на Попова Шапка, Маврово, Прилеп, Охрид, Струга, Ресен, Крушево, Стража, Буково, Ѓавато, Плетвар, Пресека и Железнец.
Внимателно треба да се вози и на патните правци Дебар – Струга, Маврово – Дебар, Катланово – Велес и Демир Капија – Удово каде има почеста појава на одрони кои може да го попречат движењето на возилата.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата.
Задолжително е носењето на зимска опрема во возилата.