Извештај на МВР за вчерашните инциденти!

Објавено на 3 март, 2013 во 13:56

МВР денеска излезе со детали за вчерашните инциденти во Скопје.

„Насилниот протест не беше пријавен во полиција, а учесниците и предизвикувачите на инцидентите се самоорганизираа преку социјалните мрежи. За време на протестот дојде до поголемо нарушување на јавниот ред и мир и беше предизвикана значителна материјална штета во централното градско подрачје и Бит Пазар. Според досега документираните сознанија, повредени се повеќе лица, меѓу кои и голем број полициски службеници, оштетени се повеќе моторни возила (од нив четири се полициски), два автобуса на ЈСП и две противпожарни возила“, се наведува во извештајот на МВР.

МВР објснува дека протестот започнал  во 12 часот кај комплексот „Чаирчанка“, по што насобраната група започнала  да се движи од Јајапашината џамија, преку мостот „Гоце Делчев“ кон зградата на владата.

“За цело време демострантите гласно скандираа УЧК и извикуваа разни пароли. Во моментот кога масата демостранти дојде пред владата, дел од неа се обиде да го пробие полицискиот кордон, со цел да се упати кон плоштадот, на што полицијата реагираше и ја спречи натамошната ескалација. Дел од демострантите започнаа со фрлање камења и тврди предмети и ги нападнаа полициските службеници. Со цел да не дојде до ескалација на инцидентите, Одделот за посебни единици употреби хемиско средство солзавец, по што демострантите започнаа да се повлекуваат назад кон Старата скопска чаршија, а притоа ги каменуваа Музејот на Холохаустот, Музејот на ВМРО и новоизградениот Театар“, се додава во извештајот.

Во текот на протестот се регистрирани и повеќе други инциденти и физички напади во централното градско подрачје, на подрачјето кај Бит Пазар и околните улички во кои се повредени 13 граѓани на кои им е пружена медицинска помош во болниците, а четворица од нив се здобиле со тешки телесни повреди. Во насилствата повредени се и тринаесет униформирани полициски службеници. Исто така, од страна на насилниците извршени се и оштетувања на осум приватни патнички моторни возила од кои две се превртени. Извршено е оштетување и на четири полициски возила.

Извор: Дојче Веле

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.