Стејт департмент: „Владата се меша во судството и медиумите“
Македонската влада се меша во судството и медиумите, се пресметува со полтичките противници, забележува Стејт департментот во најновиот извештај за човековите права, пренесе Гласот на Америка на македонски јазик.
„Најкритичен проблем со човековите права е владиниот неуспех целосно да го почитува владеењето на правото, што се одразува во нејзиниот неуспех да ги следи парламентарните процедури, мешањето во судството и медиумите, селективното гонење на политичките противници на лидерите во државата, како и значителните нивоа на владина корупција и полициска неказнивост“, стои во резимето на делот посветен на Македонија.
Покрај политичкото мешање во судството, официјален Вашингтон наведува дека фаворитизмот, неефикасноста и корупцијата го забавиле процесот на делење на правдата. Американската влада оценува и дека напнатоста меѓу заедниците на етничките Македонци и Албанци, исто како и општествената дискриминација кон Ромите, раѓаат дополнителна загриженост во однос на човековите права.
Извештајот ги дефинира другите проблеми во изминатата година како малтретирање на притвореници и затвореници од страна на полицајците и затворските чувари, лоши услови и преполнетост на затворите и менталните институции, забавен пристап до правен совет за притворените и обвинетите, ограничени посебни права за Ромите, ограничен пристап до азил, домашно насилство врз жените и децата, детска проституција, дискриминација против жените и лицата со посебни потреби како и малтретирање на пациенти во психијатриските болници.
Стејт департментот наведува и дека во Македонија постои општествена предрасуда кон припадниците на ЛГБТ заедницата, кои биле изложени на вознемирување и понижувачки јазик – нешто за кое се наведува дека било присутно и во медиумите. Владата, според резимето, се тврди и дека владата често се мешала во правото на работниците на штрајк.
Американскиот извештај содржи и став дека постојат веродостојни докази дека владата се мешала во случаи од висок профил што се однесуваат на злоупотреба на функцијата, за да изврши притисок врз официјални лица или членови на партија, или пак за да заплаши клучни опозициони лидери.
Извор: Глас на Америка