Прегласување со јавно гласање и низа нерегуларности!
Вториот круг од локалните избори денеска се прегласува на 29 избирачки места во скопската општина Центар, на девет во Струга и во едно избирачко место во скопската општина Ѓорче Петров. Втор круг од локалните избори се одржува во општина Долнени на 39 избирачки места.
Гласањето започна во 7 часот, а избирачките места ќе бидат затворени во 19 часот.
Граѓанската асоцијација Мост го покрива изборниот ден со околу 130 набљудувачи. Од таму информираат за нерегуларности и тоа расфрлен пропаганден материјал и прекин на гласање од 20 минути на гласачко место 1490 во општина Долнени.
Прекинот настанал откако болно и изнемоштено лице дошло да гласа со придружба, по што реагирал партиски набљудувач и не дозволувал лицето да гласа на тој начин. Иако, избирачкиот одбор рекол дека сè е во ред набљудувачот продолжил да се расправа со нив по што била повикана полиција. По прекинот од 20 минути гласањето продолжило.
Исто така, во општина Центар забележан е расфрлан пропаганден материјал со дезинформации за денот на одржувањето на изборите.
Набљудувачите на Цивил регистрираа случај на јавно гласање на гласачкото место број 2817 во ОУ „Димитар Миладинов“.
– На истото гласачко место имаше и обид да се попречи нашиот набљудувач да ја изврши својата задача, со исто образложение како и претходно, дека нема посебно овластување од Цивил, информираат од граѓанската асоцијација.
Партиско агитирање и евидентирање на гласачи било забележано во близина на речиси сите гласачки места, а пред ОУ „11 Октомври“ имало легитимирање на гласачи пред да влезат на гласачките места, додаваат од Цивил.
Цивил забележува дека излезноста во општина Центар е видливо помала од претходните кругови на гласање во првите часови на денот на прегласување.
На едно гласачко место во Центар било забележано гласно вербално препукување меѓу партиски претставници.
Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, ќе биде отворена бесплатната телефонска линија 080 080 080./Б.Н.Т