Дебата: „Новиот закон за медиуми е стравичен“!
Новинарската фела денеска дебатираше дали е потребен Закон за медиуми. Во „Холидеј Ин“ во Скопје, Центарот за развој на медиуми организираше дебата на која беа изнесени оценки дека со новиот закон се ускратува слободата на говор.
Роберто Беличанец од Центарот за развој на медиуми рече дека деновиве се фингирал процес на отвореност во кој се глуми дебата.
„Не е решение за проблемите со медиумите. Пред се е потребна сериозна дебата и соочување на јавна сцена на аргументите. Некои луѓе кои решиле да дадат кредибилитет на овој процес, а тврдат дека се цели сегменти на медиумската заедница. Тоа не може никој да го тврди, дека медиумската заедница стои зад нив. Едно треба да се јасно дека медиумската заедница не се откажува од правото некој друг да ги претставува. Она што тече како дебата е чиста фингерајка. И она што се наметнува од таквата цела дебата е дека мора да имаме закон за медиуми, зашто цела Европа имала закон за медиуми. И тоа е една голема лага. Само четири земји имаат закон за медиуми. Словенија е една од нив која е забележана како проблематично дете во Унијата поради тоа, исто како и Унгарија со овој закон за медиуми кој и донесе многу проблеми “рече Беличанец, нагласувајќи дека новиот закон за медиуми нуди еден човек, еден цар на Агенцијата кој ќе ја крои судбината на целата медиумска заедница.
Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис смета дека законот кој се сака да се протурка, бил стравичен. Според неа ниту еден закон не донел слобода, а на медиумите и на новинарите им е потребна, токму слобода на говорот.
„Ако не артикулираме отпор, ако не научиме да кажеме „не“ тогаш територијата за новинарството ќе биде засекогаш затворена. Се обидуваме да бидеме фини кога половина од медиуми се затвораат, кога се отпуштаат луѓе затоа што имаат став. Новинарите се сведени на државни службеници, убиени се истражувањето и креативноста и сега сака да се затвори и она мало парче слобода што го имаме на интернет. Со ваков закон, простор за разбирање нема. Наместо да решава проблеми, отвора нови, навлегува во редакциите, нуди скандалозно решение за регулаторното тело спротивно на препораките на Советот на Европа. Тоа ќе биде монструм со огромна моќ“ рече Чаусидис.
„Барам решенија кои што ќе забранат лидер на политичка партија да има медиум, второ владата да утврди јасни критериуми како може да се рекламира во медиуми, да обезбеди одржливо финансирање МРТВ, да го ослободи од контрола Советот за радиодифузија, да изнајде механизам да ги ослободи новинарите од политичка и финасиска зависност. На ниедна од овие забелешки овој закон не одговара“, рече Насер Селмани, претседател на ЗНМ.
Од Македонскиот институт за медиуми сметаат дека Законот е многу проблематичен, и претставува уназадување на демократските начела од досегашните закони. Премногу навлегува во начинот на функцинирање на редакциите./ A.Д
