Од Охрид за Скопје, со „Галеб“ наместо „виа“ Кичево сега преку Дебар!
Поради оштетување на мост на планинскиот премин Стража и воведената забрана за движење на возила потешки од 7,5 тони, ќе дојде до промена во маршутата на автобусите на најголемиот авто превозник во регионот А.Д.„Галеб“ кои сообраќаат за Скопје, објави Охрид њуз.
Порталот бил информиран од „Галеб“ дека го задржуваат редовниот возен ред и линии кон Скопје и назад но наместо преку Кичево, автобусите ќе сообраќаат преку Дебар од страната на Струга.
Поради изнудената промена, патувањето од Охрид до Скопје со автобус се очекува да се продолжи од 20 минути до половина час.
Според најавите, оштетувањето на мостот на Стража се очекува да биде санирано за десетина дена, период во кој автобусите на „Галеб“ за Скопје ќе сообраќаат по алтернативен пат, односно преку Дебар. За секоја промена, јавноста навремено ќе биде информирана, додаваат од „Галеб“.
Како што веќе информиравме, патот од Стража кон Гостивар и обратно, попладнево е затворен за сообраќај за товарни возила, чија тежина надминува седум и пол тони.
Од „Македонија пат“ информират дека причина за затворање на патот е оштетување на мостот во близина на селото Церово.