Се работи на неколку патни правци во државата!
Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива непречено, по суви и чисти коловози.
На патниот правец Гостивар – крак Маврово кај село Церово на 1 км. пред Стража се врши реконструкција на мостот и таму сообраќајот е затворен за тешки товарни возила над 7,5 тони, како и за автобуси. Сообраќајот за овие возила се пренасочува преку патниот правец Маврово-Дебар-Струга. За останатите видови на возила сообраќајот се одвива регулирано со семафори за наизменично пропуштање на возилата и по една коловозна лента.
Во тунелите на патниот правец Демир Капија – Удово завршено е периодичното сопирање на сообраќајот, но сеуште се изведуваат градежни работи и сообраќајот е регулиран со семафори за наизменично пропуштање на возилата.
На делницата Велес-Кадрифаково како експресен пат, се извршуваат активности поделени во две фази. Првата фаза започна на 27.03.2013 година, при што се врши геодетско снимање и се поставени 2 табли за известување за работа на пат, од кои едната е поставена на клучката кај Велес, а другата на клучката кај Кадрифаково.
Патниот правец Неготино – Штип преку Лакавица, поради оштетување на мостот кај село Пепелиште, целосно е затворен за сите видови на сообраќај, како и за пешаци. Поради тоа сообраќајот е пренасочен преку патниот правец Неготино – Криволак – Пепелиште и тоа само за лесни возила.
Патниот правец Ресен-Охрид преку националниот парк Галичица не е прооден за сообраќај. Сообраќајот се одвива до месноста Корита, но само од охридската страна.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата.