Претседателот на скопска двојка нов член на Судскиот совет?

Објавено на 14 мај, 2013 во 10:34

Бекир Шаини, претседателот на Основниот суд Скопје 2, ќе биде нов член на Судскиот совет, на местото на Неџат Ајро, кој заминува во пензија.

На огласот за едно испразнето место во Судскиот совет, се пријавиле повеќе кандидати, судии од редот на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, но најголема поддршка имал сегашниот прв човек на скопска двојка.

Тој ја поднел кандидатурата на последниот ден од огласот, откако ја обезбедил и партиската поддршка од ДУИ.

За новиот член во Судскиот совет, наскоро ќе гласаат судиите од сите судови во Македонија. Изборите ќе ги спроведе комисија од Судскиот совет.

Откако е се поизвесно дека Шаини ќе ја напушти претседателската позиција во скопскиот суд, почнаа комбинации за тоа кој ќе биде на чело на овој суд и дали повторно ќе биде Албанец, како дел од договорот или првото место ќе го добие Македонец.

Бекир Шаини го тера вториот мандат како претседател на судот.

Судскиот совет ги избира и разрешува судиите во Македонија. Дел од членовите на ова тело се избираат од редот на самите судиите, а останатите, на прелог на владејачките партии и на Претседателот на државава ги избира Собранието на Република Македонија.

С. Димовски

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.