Гордана Гешковска на чело на скопското обвинителство!
Гордана Гешковска, неодамна избраната заменичка на јавниот обвинител Марко Зврлевски, ќе биде именувана за јавен обвинител во скопското обвинителство, тврдат извори од Советот на обвинители за Дума.мк.
Гешковска која работеше како обвинител во обвинителството за борба против организиран криминал и корупција, пред еден месец беше избрана за заменик на Јавниот обвинител Марко Зврлевски.
По нејзиниот избор во Републичкото обвинителство, на Гешковска и било сугерирано да се јави на огласот за обвинител во Скопје, а додека шефува со скопските обвинители, да и мирува местото во републичкото јавно обвинителство.
За Гешковска да биде прв човек на скопското обвинителство, во кое има околу 70 обвинители, најмногу се залагал јавниот обвинител Зврлевски, со кого работеа заедно во организиран криминал. Советот на обвинители сега се очекува да и го верификува мандатот, потврдуваат од ова тело.
Законот дозволува обвинител од повисоко обвинителство да шефува во пониско обвинителство, а да му мирува позицијата на која е избран. Таков е случајот и со Јован Илиевски, кој беше избран за обвинител во републичкото обвинителство, а од таму повторно вратен како „шеф“ на обвинителите во организиран криминал.
Гешковска од досегашниот обвинител Љупчо Шврговски беше критикувана “дека нема интелектуален капацитет за да постапува по предмети од организиран криминал“, но по неговото заминување од позицијата, наследникот Зврлевски издејствува Гешковска да биде итно унапредена неколку скалила повисоко.
Нејзе како слабост и се припишува блискоста со полицијата, па најчесто ги прифаќа сите пријави на МВР и доказите што и се нудат, без да направи анализа и да донесе обвинителна одлука дали во одреден случај има дело.
Скопското обвинителство, по изборот на Марко Зврлевски за јавен обвинител функционира со в.д. обвинител.
Гешковска ги застапуваше обвиненијата во: Бачило, Пајажина, Изгрев, Монструм…
Мандатот на првиот човек на обвинителството е шест години.
Според новиот закон за кривична постапка, обвинителите ќе имаат многу поголеми ингеренции од сегашните и ќе ја водат истрагата, наместо истражните судии кои го работеа тоа до сега.
Саше Димовски
