ЗНМ: Сензационализам на сметка на човечка трагедија!
Советот на честа при Здружението на новинари на Македонија – ЗНМ, остро реагира на објавувањето на фотографии на кои се гледа безживотното тело на човек како виси на дрво во паркот наспроти зградата на Нова Македонија во Скопје, трагичен настан што се случи денеска.
Фотографиите се појавија на повеќе портали и на веб-изданијата на најголем дел од пишаните и електронски медиуми. Дури е објавен и идентитот на жрвтвата, со што не е почитувана приватноста на жртвата ниту на неговото семејство. Иако дел од медиумите потенцирале дека станува збор за вознемирувачки фотографии, Советот на честа смета дека е прекршен Кодексот на новинарите и дека е постапено крајно неетички и непрофесионално.
-Јавноста е ужасната, предизвикана е вознемиреност. Не е почитувана семејната и лична болка, со цел да се дојде до сензационализам. Советот на честа ги повикува новинарите на совесно и одговорно однесување. Да се искаже почит кон семејството на настраданиот. Станува збор за лични трагедии. Нема никаков јавен интерес во објавувањето такви фотографии. Сензацијата да не биде пред човековата трагедија и болка, стои во соопштението.
