Судот во Стразбур бара одговори за разрешувањето на македонските судии!

Објавено на 17 мај, 2013 во 07:10

Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, бара одговор од македонската Влада дали биле почитувани процедурите при разрешување на македонските судии во изминативе години и дали нив им било обезбедено фер и правично судење.

Судот во Стразбур прифатил шест апликации на македонски судии кои се жалеле дека се разрешени незаконски, па во писмениот допис до Владата бара одговори на сите жалби пред да донесе конечна одлука.

Во документот испратен до Владата, до кој дојде Дума. мк, судот во Стразбур прашува дали македонските судии имале фер и законита постапка кога биле разрешени а иницијатор на таа постапка бил тогашниот министер за правда Михајло Маневски кој беше и член на Судскиот совет?

За меѓународниот суд во прашање се доведуваат и сите постапки што биле поведени против судиите на предлог на член на судскиот совет, кој понатаму во постапката се појавувал како обвинител и на крај гласал за разрешувањето.

Шест македонски судии кои се жалеле на разрешувањата навеле дека во прашање била доведена непристрасноста во постапката, бидејќи истите луѓе што ги разрешувале биле вклучени во разни фази од постапката.

Судот ги прифатил апликациите на : Славица Попчевска, судијка од Скопје која беше разрешена за случајот „Бачило“, на тетовскиот истражен судија Мирослав Трифуновски кој ја загуби работата затоа што увидот по давењето на кичевскиот новинар Владо Танески и го препуштил на полицијата, како и апликациите на судиите од Охрид: Иво Попоски и Гоце Јакшоски.

Прифатени се и апликациите на  апелациските судии Јордан Митриноски и Виолета Дума, кои беа разрешени затоа што била прифатена гаранција и заменет притворот во куќен за Бајруш Сејдии од Куманово кај Митриноски и затоа што не бил утврден идентитет на турски државјанин во случајот на  Виолета Дума.

Кај Митриноски експертите укажуваа дека не може судија да биде разрешен за судска одлука, а кај Дума, сите прашања беа во правец: кој утврдува идентитет, основниот или апелацискиот суд и како за одлуката за која гласале пет судии беа разрешени само двајца?

Според прашањата што ги упатиле судиите од Стразбур кои ги разгледувале апликациите, интересно е и тоа каде што се констатира дали јавните изјави на тогашниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев дека во случајот „Бачило“ имало криминал не значело нарушување на презумпцијата на невиност, бидејќи и Илиев бил член на Судскиот совет по функција во тоа време.

Владата треба да одговори на прашањата на судот, по што може да се очекува со една одлука да се решат шесте предмети, бидејќи се констатирани исти повреди во постапката. Петте апликанти се жалат на повреда по ист основ од Конвенцијата, додека само во апликацијата на Попчевска се бара да се утврди и јавното влијание во случајот.

Пред Судот во Стразбур има и други предмети иницирани од македонски судии, но тие се уште не се во фаза на одлучување.

Саше Димовски

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.