Денеска задушница, утре Духовден!
Денеска нашиот народ ја празнува Задушница, а утре е Духовден. Овие денови се посветени на душите на умрените.
Од вчера попладне во пресрет на празникот и денеска се оди на гробишта, се носи храна, а свештениците се молат за душите на покојните. Постои верување дека душите на покојните предци доаѓаат од оној свет кај своите најблиски, барајќи од нив храна, вода, но и за да ги видат.
Утре не се оди на гробишта, бидејќи е Духовден. Тоа не е празник на мртвите, туку празник на Светиот дух и воспоставување на црквата на земјата.
Се верувало дека заборавањето на душите на покојните може да предизвика суши, поплави, немаштија, болести и други несреќи. Кај народот постојат две примарни (пролетна и есенска) задушници, но задушниците поврзани со Духовден, кој се одбележува утре, се официјално признати од црквата па биле прифатени и од народот. Ваквата средба со душите на починатите се обавувала на гробовите со палење на свеќи, кадење на гробот, посипување на вино врз него, кршење на орев како хтоничен плод со кој се повикуваат душите на средба, со обредни лепчиња, со раздавање на храна и ритуален оброк заедно со мртвите.
