Да се спаси скопското џез радио
Денес се организира слободен концерт во живо за спас на скопското џез радио.
Џез ФМ од самото постоење ја негува не само џез музиката, туку и културата која ја придружува оваа уметност. Иако едно од најспецифичните радија во нашата држава, се соочува со финансиски проблеми и бара помош од своите слушатели.
„Треба да сме ви олеснување од досадното секојдневје, изненадувајќи ве на секој чекор со нешто убаво, нешто ново нечуено. Дојде време кога може да се каже дека игнорантскиот став на маркетинг-агенциите и одговорните маркетинг-директори не’ стави во ситуација да побараме помош од вас, слушателите, како последна опција за понатамошно постоење, како што има многубројни примери во светот. Вака, конечно, ќе можете да и’ дадете вистински и реален глас на нашата идеја“, изјави директорот на радиото, Ален Хаџи Стефанов, за Утрински.
Во обид да се спаси радиото, Џез ФМ и пријателите организираат концерт во живо кој ќе се оддржи денес, 27 јуни, во Младинскиот културен центар од 19 часот. Изведувачите ги вклучуваат Тони Китановски, Анета Качуркова, Оскар Салас, Александар Секуловски, како и групите „Летечки пекинезери“, „Свингерс„ и „Кабадајас“.
Концертот е отворен и слободен за сите вљубеници на музиката кои сакаат да донираат и да му помогнат на Џез ФМ.
Л.С.
